На 6 мај 2025 година, Центарот за управување со знаење, во соработка со претставници од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола (ФИКТ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, успешно реализираше едукативна посета во основното училиште „Климент Охридски“ во општина Битола на које беа одржани две инфо сесии.

Оваа активност е дел од проектот MKSafeNet, кој има за цел да промовира побезбедна и поодговорна употреба на интернетот меѓу децата и младите низ училиштата низ целата држава.

За време на посетата, учениците од осмо одделение имаа можност преку интерактивна дискусија и едукативни игри да се запознаат со основните принципи за побезбедно користење на интернетот. Тие беа информирани како да ги заштитат своите лични податоци, како да препознаваат и избегнуваат онлајн закани, и како да реагираат одговорно во дигиталниот свет.

Истовремено, наставниците добија практични насоки за зголемување на дигиталната безбедност во наставниот процес. Преку примери и реални ситуации, беа дискутирани стратегии за заштита на учениците од потенцијални онлајн ризици, вклучително и заштита од сомнителни линкови и внимателно управување со лични информации. Посебен акцент беше ставен на потребата од постојана едукација и подигнување на дигиталната свест кај наставниот кадар.

Дополнително, беа претставени и резултатите од „Анкетата за наставници и професори: Безбеден интернет за деца и млади“, спроведена од Центарот за управување со знаење.

Центарот за управување со знаење продолжува посветено да работи на подигнување на дигиталната писменост и заштитата на децата и младите во онлајн просторот.