Запознајте ги Михаела, Илина, Маја и Матеа – ученички од II година при СОУ „Таки Даскало“ – Битола, кои заедно со нивната менторка проф. Даниела Ачкоска го формираа тимот Techomind и освоија трето место на МКСАФЕНЕТ Хакатонот!

 Тие го развија решението CyberCure, кое претставува комбинација од Google Chrome екстензија наречена GuardiNet и дигитална маскота по име Маја. Нивната цел беше да ја зголемат безбедноста при користење на интернет, особено кај младите. Со својот иновативен пристап, покажаа како технологијата може да се искористи за едукација и заштита од сајбер закани.

1. Може ли да ни раскажете повеќе за вашето решение? Што точно создадовте и како функционира?

Секако! Нашето решение се вика CyberCure, и тоа е комбинација од Google Chrome екстензија, наречена GuardiNet, и дигитална маскота по име Маја. Заедно, тие работат на зголемување на безбедноста при користење на интернет, особено кај младите.

GuardiNet автоматски открива сомнителни или небезбедни веб-страници, како што се пиратски страници, сајтови со лажни информации или потенцијално штетен софтвер. Кога ќе пристапите до таква страница, на екран излегува маскота Маја – симпатична анимирана фигура која ве предупредува за ризикот, но тоа го прави на пријателски и емпатичен начин.

Маја може да изразува различни емоции – сериозност, грижа, радост – и на тој начин гради доверба со корисникот. Освен тоа, екстензијата нуди и можност за целосно блокирање на тие страници, што ја прави интернет околината побезбедна, особено за млади луѓе.

f595bad6 b0b2 425d aef1 0c1525aff50f 1

2. Како замислувате дека вашето решение ќе може да се користи во реалност и како да има пошироко влијание?

Веруваме дека CyberCure е особено корисен за младите од 14 до 20 години, кои се активни на интернет, но не секогаш знаат како да се заштитат. Со нашето решение, тие ќе научат да препознаваат ризични ситуации, ќе се заштитат од вируси и непожелно следење, и ќе добијат практична алатка што ги учи да користат интернет безбедно.

GuardiNet може да се користи:

  • во училишта, како дел од наставата по дигитална писменост;
  • дома, од страна на родители кои сакаат да ги заштитат своите деца;
  • во младински организации, како дел од програми за едукација за сајбер безбедност.

Со својот едноставен и интерактивен пристап, нашето решение лесно може да стане дел од секојдневното користење на интернет од страна на младите.

 

 3. Имате ли идеи како би го надградувале решението во иднина?

Апсолутно! Имаме неколку идеи за нови функционалности што би го направиле CyberCure уште покорисен:

Корисниците ќе можат сами да пријавуваат опасни веб-страници. Маја ќе има персонализирани реакции, зависно од типот на опасност. Ќе создадеме веб-платформа со квизови, игри и едукативни содржини за дигитална безбедност. Исто така, сакаме да развиеме мобилна апликација, за да може решението да се користи и на телефони и таблети. Со овие подобрувања, CyberCure ќе стане уште посилна алатка во едукацијата и заштитата на младата публика.

 

4. Што би им порачале на вашите врсници за побезбедно користење на интернет, врз основа на вашето искуство од хакатонот „Кликни безбедно“?

Нашата порака е едноставна: внимавајте што кликате. Не отварајте линкови од непознати извори, не внесувајте лични податоци на несигурни страници и внимавајте што споделувате на социјалните мрежи.

Користете алатки како GuardiNet, кои навремено ве предупредуваат и ве штитат. Интернетот е прекрасно место, но знае да биде и опасно. Со правилна едукација и алатки, сите можеме да го користиме паметно и безбедно.

Секој клик е важен – кликни безбедно!

Апликацијата од септември ќе биде достапна на ресурсната база на MKSafeNet