Вештачката интелигенција (ВИ) сè повеќе ја менува работата, но најголемиот предизвик не е технологијата, туку како организациите ќе ја вградат во своите процеси, тимови и знаење.

Ова беше една од главните пораки на меѓународната конференција AI in Business 2026, на која учествуваше д-р Андријана Богдановска Ѓуровиќ, директорка на Центарот за управување со знаење (ЦУЗ).

На конференцијата истражувачи од водечки американски и светски универзитети претставија најнови сознанија за тоа како ВИ влијае врз продуктивноста, вештините, донесувањето одлуки и управувањето со знаењето во организациите. Учеството на Центарот беше прилика да се следат најновите истражувања, да се воспостават контакти со американски истражувачи и да се донесат искуства што се важни и за организациите во Македонија.

За конференцијата

Конференцијата AI in Business 2026 се одржа од 14 до 16 октомври 2026 година на Бизнис факултетот Фишер (Fisher College of Business) при Државниот универзитет на Охајо (The Ohio State University) во Коламбус, САД. Во три дена беа претставени повеќе од 100 истражувања во повеќе од 20 тематски сесии, вклучувајќи и натпревар за најдобри трудови на докторанди и млади професори.

Сесиите ги опфатија сите клучни прашања на ВИ во бизнисот:

  • воведување на ВИ во организациите и управување со знаењето;
  • работа, комуникација и учење со помош на ВИ;
  • судење и експертиза во ерата на ВИ;
  • влијанието на генеративната ВИ врз вештините и побарувачката на работна сила;
  • човечки надзор и управување со системите на ВИ;
  • регулатива и примена на ВИ во јавниот сектор;
  • ВИ во синѓирите на снабдување, услугите, дигиталните платформи и финансиите.

Клучни теми од конференцијата

ВИ и човечката експертиза

Неколку истражувања укажаа дека ВИ не само ја менува начинот на работа, туку и начинот на кој луѓето учат и стекнуваат експертиза. Истражувањето на Еван Џо (Queen's University) покажува дека автоматизацијата на почетничките задачи го намалува учењето на работно место и го забавува стекнувањето експертиза. Слично прашање за ревизорската професија отвори Руи Ши (Shanghai University of Finance and Economics): ако ВИ ги преземе задачите на помладите ревизори, од каде ќе дојдат искусните ревизори на иднината? Сузан Фенг Лу (University of Toronto), пак, преку експеримент со радиолози истражуваше дали работата со ВИ ги подобрува човечките способности и по завршувањето на нејзината употреба.

ВИ и управувањето со знаење во организациите

За Центарот особено релевантна беше сесијата за воведување на ВИ во организациите и знаењето. Езекиел Лео (Grand Valley State University) покажа дека ВИ сè почесто се користи во хибридни системи што го комбинираат знаењето на луѓето, напишаните правила и процедури и наученото од моделите, што бара нов пристап кон управувањето со знаење. Донг-Гил Ко (University of Cincinnati) објасни зошто и точните ВИ-системи често не даваат резултати: им недостасува „организациски превод“ во одлуките и секојдневните рутини. Истражувањето на Василики Стамули меѓу HR-професионалците покажа дека тие се подготвени, но претпазливи кон агентската ВИ, и дека успешната примена зависи од тоа дали вработените знаат критички да ги оценат резултатите и да препознаат кога е потребна човечка интервенција.

Човечки надзор и агентска ВИ

Хуајбинг Јуан (Cornell University) истакна дека ВИ често точно извршува поединечни задачи, но во сложени, повеќефазни работни процеси раните грешки се пренесуваат напред, па е потребен внимателно дизајниран човечки надзор. Абишек Реј и Чезар Мартинели (George Mason University) ја доведоа во прашање широко распространата претпоставка дека делегирањето одлуки на ВИ во организациите е едноставна добивка во продуктивноста. Истражување на Ји Чен (Cornell University) го анализираше влијанието на Европскиот акт за вештачка интелигенција врз вредноста на компаниите.

Вештини и работни места

Сесиите за пазарот на трудот покажаа дека ефектот на генеративната ВИ не се гледа само во бројот вработени, туку и во тоа какви работни места и вештини бараат компаниите. Истражувачите од Purdue University и University of Minnesota претставија докази за тоа како компаниите ги предизајнираат работните места и ја менуваат побарувачката за вештини со ширењето на генеративната ВИ.

Што значи ова за организациите во Македонија

Искуствата претставени на конференцијата се особено важни за македонските компании и институции, кои се дури сега во рана фаза на воведување на ВИ. Тоа е предност: тие можат од самиот почеток да ја воведат ВИ на начин што го зачувува и го развива знаењето на нивните вработени, наместо подоцна да ги поправаат последиците.

Издвојуваме четири поуки:

  1. ВИ не е само технологија, туку организациска промена. Резултатите зависат од тоа како ВИ ќе се вгради во одлуките, процедурите и секојдневната работа, а не само од точноста на системот.
  2. Знаењето на вработените треба свесно да се чува. Ако ВИ ги преземе задачите преку кои вработените учат, организациите може да останат без искусни кадри кои ќе можат да ја надгледуваат и коригираат.
  3. Вработените треба да знаат кога да му веруваат на ВИ, а кога да интервенираат. Ова е суштината на човечкиот надзор што го бара и Европскиот акт за вештачка интелигенција, со кој Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, ќе треба да се усогласи.
  4. Управувањето со знаење станува уште поважно. Организациите треба да одлучат кое знаење останува кај луѓето, кое се запишува во процедури и кое се пренесува на ВИ, и како тие делови заедно функционираат.

Следни чекори на Центарот

Сознанијата од конференцијата ќе ја зајакнат работата на Центарот за управување со знаење на неколку нивоа:

  • Во тековните проекти, како DIGI-Content (Interreg Europe), кој ја истражува примената на ВИ и проширената реалност во креативните индустрии, и Lab of the Future (Еразмус+), кој развива обуки за ВИ и дигитални технологии за лабораториите.
  • Во истражувањето, преку нова истражувачка насока за тоа како се развиваат тимовите во кои работи и ВИ и како организациите можат да го сочуваат знаењето и самостојното расудување на вработените.
  • Во соработката со организациите, преку обуки и работилници за одговорно воведување на ВИ и подготовка за барањата на Европскиот акт за вештачка интелигенција.
  • Во меѓународната соработка, преку контактите воспоставени со истражувачи од американски универзитети.

Центарот за управување со знаење останува посветен на тоа најновите светски сознанија за ВИ и знаењето да ги пренесе до организациите во Македонија и во регионот.