Југоисточниот регион е еден од осумте не административни региони во Република Северна Македонија поделени според номенклатурата на НТЕС (Номенклатура на  територијални единици за статистика), усогласена со европската регулатива од 2007 година („Службен весник на РМ“ број 158/2007 и 10/2014). Во последните пет години,
регионот доживува зголемена економска активност и двоцифрено зголемување на учеството на регионалната економија во бруто домашниот производ. Растот на вредноста на БДП-то и трендовите во извозот во последните пет години проследени со намалување на невработеноста, чија стапка е најниска во државата, укажуваат на зајакнување на доминантната улога на трговијата и услужните дејности во регионот, а на сметка на преработувачката индустрија и земјоделството.


Резултатите од истражувањето укажуваат дека претпријатијата и земјоделските здруженија во Југоисточниот регион се карактеризираат со малку вработени (под десет),  среден до низок годишен обрт, и доминантно се наоѓаат во фаза на заситеност (возраст). Структурата на деловниот сектор во последните пет години не покажува знаци на
реструктуирање кон малите и средни претпријатија, додека микро претпријатијата се доминантен деловен ентитет во регионот. Ваквата поставеност и профил на активните
претпријатија укажува на ризик од неефикасно искористување на ресурсите, слаба продуктивност на трудот, и со тек на време, намалување на додадената вредност од
искористените ресурси. Во ваков контекст, истражувањето за потребите за обуки и други мерки за поддршка на растот и развојот на претпријатијата и земјоделците во Југоисточниот регион ја истакнува потребата од поефикасно информирање на претпријатијата и земјоделците за постоечките мерки и програми за поддршка, организирање на настани за вмрежување, настани за регрутирање на вработени, и средби со претставници од локалните и националните институции, како и претставници од меѓународни институции, програми и фондови. Потребата за обуки е најмногу насочена кон зголемување на капацитетите за подготовка и менаџирање на проекти финансирани од програмите и фондовите на Европската Унија, со посебна тематска покриеност на ИПАРД програмата, развојот на дигиталните вештини во делот на електронската трговија и развојот на стратешки пристап за воведувањето на нови производи и услуги како и обуките за воведување и подобрување на стандардите за квалитет.

ЛИНК