Водачите на ЕУ се согласија на буџет од 80,9 милијарди евра за програмата за истражување и развој „Хоризонт Европа“, на петтиот ден од маратонскиот самит на кој се расправаше за долгорочниот буџет на ЕУ и пост-пандемискиот план за економско закрепнување. Конечната бројка е значително пониска од предлогот кој вклучуваше 94,4 милијарди евра, изнесен од Европската комисија во мај, бидејќи буџетот за програмата Истражување и Развој е намален неколку пати во текот на самитот.

Во реална смисла, конечниот буџет „Хоризонт Европа“ е многу близу до нивоата на финансирање на неговиот претходник ако се земе предвид и придонесот на Велика Британија во буџетот на „Хоризонт 2020“. Според бројките што ја исклучуваат Велика Британија, презентирани од Европската комисија, ЕУ издвои 67,06 милијарди евра на Хоризонт 2020 (во 2018 цени). Вкупниот буџет на „Хоризонт 2020“ програмата, доколку е вклучен придонесот на Велика Британија од 2014 година, беше 76,26 милијарди евра.

За Северна Македонија, која е земја вклучена како придружна членка во овие програми на Европската Унија, ова се добри вести.  Се разбира доколку овие средства ги искористиме подобро во споредба со претходната програма.

Статистиката на „Хоризонт 2020“ покажува дека за време на претходниот 7 годишен период (2013-2020), 94 организации од нашата држава зеле учество во овие проекти, од кои 10 МСП-ја, или само 0.94% од вкупниот број на проекти во кои учествуваат придружните членки.  Најмногу проекти и средства добил Универзитетот Св Кирил и Методиј или 2,3 милиони евра за истражувачки проекти, потоа следи Град Скопје со 825 000 евра и МАНУ со 819 000 евра. Најголемиот број на мали средни претпријатија кои добиле средства од програмата добиле преку првата фаза на инструментот за МСП-ја каде максималниот буџет е 50 000 евра и покрива трошоци поврзани со подготовка на физибилити студија.