Ivana Ivanova

Неодамна (02.09.2020)  и среде кризата Ковид-19 излезе13-то издание на Глобалниот индекс на иновации (ГИИ). Извештајот укажува дека земајќи ја предвид моменталната економска состојба и фактот дека вложувањата се намалуваат низ Северна Америка, Азија и Европа, иновациите се најдобриот начин за човештвото да се справи со економската блокада. Сепак, стапките на инвестиции се ниски, вклучително и директните странски инвестиции и се очекува тие да паднат уште повеќе во 2020 и 2021 година.

Европа останува втор најиновативен регион, веднаш по САД, бидејќи е домаќин на голем број иновативни економии. Шеснаесет од  европските економии се во првите 25 иновативни земји, од кои седум се рангираат во првите 10. Седум од нив се искачија во рангот, од кои три се балкански држави: Бугарија (37 место со раст од 3 места во споредба со иминатата година), Хрватска (41-ва со пораст од 3 места) и Романија (46-та, со пораст за 4 места). Шест економии се рангирани под првите 50, со тоа што четири од нив ги зголемија своите рангови оваа година, од кои дури три се балкански земји: Србија (53-та), Северна Македонија (57-та) и Босна и Херцеговина (74-та).

Од 2016 година, Бугарија (37.) ја држи својата позиција во горната група на земји со среден приход со резултати споредливи со економиите со високи примања како што се Норвешка и Австралија. Интересно, Србија (53-та) и Северна Македонија (57-та) покажуваат слични резултати. Оттука овие три земји во поглед на иновациите се наоѓаат во делот „над очекувањата за нивното ниво на развој“. Бугарија веќе 4 години се смета за земја со голем потенцијал за иновации, Србија 3 години и Северна Македонија 2 години. Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Романија, иако се дел од иста група на земји по приходи, сите се карактеризирани како земји чии иновативен потенцијал е „во согласност со нивото на развој“.  Словенија и Хрватска се во групата на земји со високи приходи, и се оценети како земји чии иновативен потенцијал е „во согласност со нивото на развој“.

ГИИ дава релативни резултати на индексот, што значи дека вредноста на една варијабла која недостасува за една економија влијае на индексот на резултатите од другите економии. Бидејќи бројот на вредности кои недостигаат се намалува секоја година, овој проблем се намалува со текот на времето. Балкански економии од ГИИ со најмалку вредности на варијабли кои недостигаат се Романија (1), Бугарија (2), Србија и Словенија (по 3) и Хрватска (5).

Генерално, според сумарниот индекс, Северна Македонија е рангирана на 57-то место на ГИИ 2020 година. Словенија е 32-та, Бугарија - 37-та, Хрватска - 41-та, Романија - 46-та, Црна Гора - 49-та, Србија - 53-та, Босна и Херцеговина - 74-та, Албанија - 83-та.

Во подиндексот на софистицираност на пазарот, Северна Македонија е рангирана на 17-то место (влегува во четвртиот квартал - најдобри изведувачи (од 1 до 32 место), пред секоја друга балканска земја: Бугарија (97), Србија (101), Хрватска (73) , Словенија (77), Романија (83), Црна Гора (61), Босна и Херцеговина (51) и Албанија (70). За жал, во другите подиндекси како што се деловна софистицираност, креативни резултати и човечки капитал и истражување, Северна Македонија е рангирана во вториот квартил- (рангирање од 66-то до 98-то), и сè уште заостанува зад другите балкански земји со исклучок на Албанија и Босна и Херцеговина. Во под-индексот на институциите, инфраструктурата и резултатите од знаење и технологија, нашата земја е во третиот квартил (од 33-ти до 65-ти) пред Босна и Херцеговина и Албанија, и не заостанува зад другите балкански земји.

Гледајќи ги подиндексот на влез и подиндексот на излез, Северна Македонија е рангирана на 46-то место во влезот и на 63-то место на излезот - резултатите од иновациите. Останатите балкански земји се рангирани како што следува: Словенија (29; 39), Хрватска (44; 43), Бугарија (45; 30), Романија (51; 46), Црна Гора (53; 49), Србија (58; 56), Босна и Херцеговина (72; 75) и Албанија (74; 91).