Запознајте ги Матеј, Ива, Ана Марија и Викторија од Економско училиште - СОЕПТУ "Кузман Јосифоски - Питу" – Прилеп, кои заедно со нивната менторка проф. Емануела го формираа тимот Правници.
Тимот го разви решението Safe Zone – едукативна веб-страница наменета за борба против дигиталното насилство, вклучувајќи сајбер булинг, фишинг и други закани во онлајн просторот.
Целта на Safe Zone е да ја подигне свеста, да едуцира и да им помогне на младите безбедно да го користат интернетот, преку корисни информации, совети и ресурси.
1. Што точно направивте со вашиот проект и како работи?
Ние сме тимот „Правници“. Иако имавме ограничени познавања од областа на информатиката и изработка на веб-страници, со помош и поддршка од менторите на хакатонот, успеавме да ја реализираме нашата замисла.
Нашата идеја беше да создадеме веб-страница преку која може да се пријавува секаков вид на насилство, со посебен акцент на сајбер насилството, бидејќи тоа е особено застапено денес. За инспирација ја земавме хрватската веб-страница за пријавување на сајбер насилство, која е едноставна за користење и достапна за сите возрасни групи.
На нашата веб-страница, корисникот има две опции на почетната страна: „Пријави анонимно“ и „Пријави“, каде што се внесуваат лични податоци. По изборот, се отвора форма за пријавување на насилството, каде што може да се прикачи и фотографија како доказ. Пријавата се пренасочува автоматски до соодветна институција за понатамошна постапка. Ние како тим не ја задржуваме ниту ја обработуваме пријавата.
Дополнително, на веб-страницата се наоѓаат едукативни видеа, презентации и други материјали за сајбер насилство, изработени од нас и од нашето училиште. Достапни се и важни контакти и линкови од релевантни институции, како што се Министерството за внатрешни работи, Меѓаши, Станица ПЕТ (која нуди бесплатна правна помош) и други.Исто така, интегрирана е и законската рамка со цитати од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, за секој корисник да се информира за правната заштита.На крајот, има дел „За нас“, каде е објаснето кои сме ние и зошто ја креиравме оваа едукативна платформа.
2. Како мислите дека вашаето решение може да им помогне на луѓето и да се користи во секојдневниот живот?
Сметаме дека сајбер насилството е присутно во нашата заедница и дека младите, кои се најчесто погодени, ретко имаат храброст да го пријават – најчесто од страв или недоверба, што е голема грешка. Со нашата веб-страница сакаме да ги поттикнеме младите да не молчат, туку да пријавуваат секое насилство.
Особено важно е што овозможуваме анонимно пријавување, со цел да се заштити идентитетот на лицето што пријавува. Веруваме дека оваа платформа може да има реално влијание и да послужи како корисна алатка во борбата против насилството.
3. Ако имате шанса да ја надградите, што ново би додале?
Во иднина, би сакале нашата веб-страница да се доработи за да стане целосно функционална. Нашата цел е секој корисник да може лесно, безбедно и ефикасно да пристапи до платформата и да пријави насилство. Би имплементирале и можност за следење на статусот на пријавата (доколку не е анонимна), подобрена мобилна верзија, и евентуално чат-бот за информации и помош.
4. Што би им препорачале на вашите врсници во вашето училиште за побезбедно користење на интернетот и социјалните мрежи, врз основа на вашето искуство од хакатонот „Кликни Безбедно“?
Би им препорачале на врсниците да не одговараат на заканувачки пораки и веднаш да направат скриншот или друг доказ од содржината. Таквите докази може да им помогнат при евентуално пријавување. Исто така, да избегнуваат посета на сомнителни веб-страници, бидејќи тие често се лажни и може да ја откријат нивната ИП-адреса или лични податоци.
Да бидат претпазливи при користење на интернетот, да не споделуваат премногу лични фотографии и информации, бидејќи тие може да бидат злоупотребени. Најважно е да се информираат и да бидат свесни за ризиците, но и за начините на заштита.
Секој клик е важен – кликни безбедно!
Апликацијата од септември ќе биде достапна на ресурсната база на MKSafeNet