Тимот FamilySafe, составен од учениците Владимир, Андреа, Теодора и Сабрие од СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп, под менторство на професорката Мирјана Цеца кои се натпреваруваа на МКСАФЕНЕТ Хакатонот, ја создаде дигиталната алатка FamilySafe – иновативно решение за родителски надзор и унапредување на онлајн безбедноста на децата. Оваа алатка има за цел да овозможи побезбедно интернет-искуство за младите преку соработка меѓу родителите и децата.
1.Опишете го вашето решение – што точно изработивте и како функционира?
Нашето решение е апликација која се користи за родителска и детска онлајн безбедност, а основната функција е да им овозможи на родителите да ги следат движенијата на своите деца во реално време. Апликацијата има неколку клучни карактеристики:
- Мапа во реално време: Родителот може да види на мапата каде точно се наоѓа неговото дете, како и неговите движења во текот на денот.
- Податоци: Апликацијата овозможува историја на движењето на детето, така што родителот може да го види местото каде било во текот на денот или неделата.
- Безбедносни зони: Родителот може да постави виртуелни граници, огради (геофенсирање). Ако детето излезе од овие граници, родителот ќе добие предупредување.
- Нотификации за активност: Родителите добиваат нотификации кога детето стигне на место или излезе од безбедносната зона.
Апликацијата е лесна за користење, има пријатен интерфејс и со само неколку кликови родителот може да ги следи сите активности на своето дете.
2. Како гледате дека вашето решение може да влијае и да се користи во реален контекст или во поширока заедница?
Нашето решение може да има големо влијание на реалниот контекст, особено во денешниот свет каде безбедноста на децата на интернет и во физичката средина е многу важна. Родителите ќе имаат можност да ги следат своите деца и да се осигураат дека тие не се на опасни места, што може да го намали нивото на стрес и загриженост. Во поширока заедница, ова решение може да биде корисно во различни аспекти:
- Грижа за деца со посебни потреби: Родителите на деца со аутизам или други потреби можат да ги следат за да се осигураат дека децата не се изгубени или на опасни локации.
- Образовни институции: Може да се користи во училиштата за да се следи безбедноста на учениците при излети или активности надвор од училиштето.
- Област на општествена безбедност: Апликацијата може да биде корисна за институции кои се занимаваат со безбедност на деца и млади, како и за полиција или спасувачки служби во случаи на нестински деца.
3. Кои дополнителни функционалности или подобрувања би сакале да ги имплементирате во иднина?
Во иднина, би сакале да додадеме неколку дополнителни функционалности:
- Интеграција со паметни уреди: Можност за поврзување со паметни часовници или уреди за следење на здравствените параметри на детето (на пример, срцеви отчукувања, температура).
- Родителски контроли за апликации: Во иднина, ќе се развие и функционалност која ќе им дозволи на родителите да го ограничат или надгледуваат користењето на мобилни апликации на детето.
- Интерфејс за вклучување на пријатели или роднини: Доколку родителот сака да вклучи други членови од семејството или пријатели кои ќе можат да ја следат локацијата на детето во случај на потреба.
Секој од овие чекори ќе го направи решението уште пофункционално и корисно за родителите, како и ќе ја подобри безбедноста на децата во повеќе контексти.
Врз основа на нашето искуство од хакатонот „Кликни Безбедно“, би им препорачале на нашите врсници неколку важни совети за побезбедно користење на интернет и социјалните мрежи:
- Не споделувајте лични податоци со непознати – вашиот број, адреса, училиште или фотографии не треба да бидат јавно достапни или пратени на луѓе кои не ги познавате лично.
- Користете силни лозинки – лозинката треба да биде долга, сложена и различна за секоја апликација. Не ја споделувајте со никого, освен со вашите родители.
- Не прифаќајте непознати луѓе за пријатели – зад секој профил може да стои некој со лоши намери. Бидете внимателни кого прифаќате.
- Пријавете секаква закана, навреда или непријатна порака – на родител, наставник или друг возрасен кому му верувате. Не молчете!
- Ограничете го времето поминато онлајн – поставете граници и користете го интернетот на корисен и безбеден начин.
- Бидете внимателни што објавувате – секоја објава или фотографија останува на интернет. Размислете двапати пред да споделите.
- Заштитете ги вашите уреди – секогаш користете антивирусна заштита и редовно ажурирајте ги апликациите и уредите.
Хакатонот ни помогна да разбереме колку е важно да бидеме дигитално одговорни и безбедни, и дека секој од нас може да придонесе кон побезбедна онлајн заедница. Затоа, ги охрабруваме сите наши врсници да бидат информирани, внимателни и да се поддржуваат меѓусебно во дигиталниот свет.
Нашето учество на хакатонот „Кликни Безбедно“ беше незаборавно и исклучително корисно искуство. Бевме дел од еден динамичен, креативен и инспиративен настан каде што учевме, соработувавме и се дружевме со ученици од различни училишта, сите со иста цел – да создадеме решенија за побезбедно онлајн општество.