Тимот CyberClue составен од учениците Душко, Јована, Сара и Мартин од Економско училиште - СОЕПТУ "Кузман Јосифоски - Питу" од Прилеп, под менторство на професорката Цеца кои се натпреваруваа на МКСАФЕНЕТ Хакатонот, ја создадоа Cyber Clue веб-апликацијата за млади корисници со интерактивна игра за сајбер безбедност во стил на escape room.
Тимот испрати силна порака дека младите можат да бидат двигатели на позитивни промени и активни промотери на дигиталната безбедност.
1. Опишете го вашето решение – што точно изработивте и како функционира?
Нашето решение е интерактивна едукативна веб-апликација дизајнирана за млади корисници, со цел да ги едуцира за безбедност на интернет преку кратки игри, квизови и симулации на секојдневни ситуации. Апликацијата содржи неколку модули – модул за препознавање на лажни пораки (фишинг), модул за приватност на социјални мрежи и модул за безбедно користење на лозинки. Корисникот избира модул, го поминува преку кратка едукативна секција и потоа решава предизвици или квизови. Секој точен одговор носи поени и корисни совети.
2. Како гледате дека вашето решение може да влијае и да се користи во реален контекст или во поширока заедница?
Веруваме дека нашето решение може да се користи во основни и средни училишта како дел од часовите по информатика или граѓанско образование, но и надвор од училиштата како алатка за самостојно учење.
Со интерактивен пристап и визуелно “friendly” дизајн, апликацијата е прилагодена за младата публика, што ја прави идеална за кампањи за дигитална писменост.
Може да се интегрира и во програми од институции и НВО-а кои се фокусирани кон безбедноста на интернет.
Дополнително, преку проширување со повеќе јазици и нови модули, може да се примени и на пошироко ниво, вклучително и регионално.
3. Кои дополнителни функционалности или подобрувања би сакале да ги имплементирате во иднина?
Во иднина, би сакале да го надградиме системот со повеќе функционалности кои ќе го зголемат интерактивниот и едукативниот карактер на платформата. Некои од планираните додатоци вклучуваат:
- Систем за кориснички профили кој ќе им овозможи на корисниците да креираат свој личен профил, преку кој ќе можат да следат личен напредок преку прогрес бар, да ја прегледуваат историјата на резултати од претходно завршени квизови, симулации и тестирања, како и да добиваат препораки за понатамошно учење според нивото на познавање;
- Нови сценарија и квизови базирани на најнови и актуелни интернет закани, како што се deepfake видеа, лажни наградни игри (scam giveaways), фишинг пораки преку социјални мрежи, злоупотреба на лични податоци, и слично – со цел корисниците да научат како да ги препознаваат и избегнуваат во реален контекст;
- Интерактивна алатка за пријавување опасни ситуации, која ќе симулира реална ситуација и ќе им овозможи на корисниците да вежбаат како правилно да реагираат и да пријават содржина до релевантни институции или платформи. Оваа алатка ќе биде наменета за развивање на практични вештини за реагирање во ситуации на онлајн злоупотреба или закана; и
- Дополнителни мали функционални подобрувања како систем на награди (gamification), можност за споделување постигнувања, персонализирани препораки за учење, како и периодични известувања со нови содржини и совети за безбедно користење на интернетот. За да ја видите нашата игра кликнете на: https://cyber-clue.netlify.app/
4. Што би им препорачале на вашите врсници во вашето училиште за побезбедно користење на интернетот и социјални мрежи, врз основа на вашето искуство од хакатонот „Кликни Безбедно“?
На нашите врсници би им препорачале да бидат внимателни со тоа што споделуваат онлајн, да користат силни и различни лозинки за секоја платформа, и да не кликнуваат на сомнителни линкови без да проверат.
Најважно од сè – да бидат информирани, претпазливи и секогаш да мислат двапати пред да споделат или кликнат нешто на интернет.
Секој клик е важен – кликни безбедно!
Апликацијата од септември ќе биде достапна на ресурсната база на MKSafeNet