Владата на Република Северна Македонија ја усвои Стратегијата за развој на ИКТ: СМАРТ/МК 2030, со која се поставува долгорочна визија за создавање на паметна, дигитална, поврзана и иновативна држава.
Дигитализацијата, според овој документ, не претставува цел сама по себе, туку моќна алатка за справување со најголемите општествени предизвици – борба против корупцијата, зголемување на транспарентноста, подобрување на здравството, образованието и судството, како и создавање на поволна деловна клима.
Стратегијата е заснована на четири клучни столба:
- ИКТ инфраструктура и поврзливост – развој на безбедна, достапна и одржлива дигитална инфраструктура;
- Дигитални компетенции и инклузивност – развој на дигитални вештини и еднаков пристап до дигитални можности за сите граѓани;
- Е-владеење и електронски услуги – унапредување на јавните услуги, транспарентноста и довербата во институциите;
- Бизниси, иновации и нови технологии – поттикнување на дигиталната економија, стартап екосистемот и примената на вештачка интелигенција.
Овие приоритети се целосно усогласени со европската рамка на Дигиталната декада 2030, што овозможува синхронизација со европските цели за дигитална трансформација. Реализацијата на стратегијата ќе се спроведува преку Акциски план, кој опфаќа конкретни мерки, рокови и одговорни институции за следење на напредокот и резултатите.
Со СМАРТ/МК 2030, Северна Македонија се позиционира како држава која ја користи технологијата во служба на граѓаните и економијата – градејќи дигитална, отворена и конкурентна иднина, подготвена за предизвиците на новиот дигитален век.
Македонски
English (UK)
